👁️  5

Во делчевското село Тработивиште вчера се одржа третата по ред манифестација Зелкаријада 2023. Настанот се одржа во дворот на подрачното училиште „Св.Климент Охридски” со присуство на бројни гости од Делчево, но и од цела Малешевија и Пијанец. Тие имаа можност да си купат зелки и други градинарски производи кои се продаваа на поставените тезги.

-Иницијаторите и организаторите на Зелкаријадата се група ентузијасти – Венко Иванов, Џелал Садулов, Фиданчо Цинцовски, кои со своите соработници се погрижија гостите да бидат почестени со традиционалните салата и манџа од зелка. За музичкиот дел од програмата беше ангажирана музичка група. Целиот ден во училишниот двор помина во играње и пеење песни и ора од страна на учесниците, истакна Васил Маневски, новинар во пензија по потекло од Тработивиште.

Тој додаде дека манифестацијата се организирала со заеднички напори на организаторите, пензионираниот полицаец Миле Велков, со помош од месното население, донатори и спонзори.

-Тработивишката Зелларијада ќе продолжи да се одржува и во иднина. Се разбира, со побогата и поосмислена концепција и со културно-уметнички содржини, додаде Маневски.

Во село Тработивиште зелката е најзастапената земјоделска култура и се одгледувала со децении. Иако низ годините била основен земјоделски производ, од чие производство и продажба егзистирале голем број семсејства, во последните години нивниот број е сведен на минимум. Поради миграцијата, само десетина семејства сега се целосно посветени на одгледувањето зелка.