👁️  40

Десетици спасувачи од други земји денеска се во најпогодените подрачја во Босна кои беа збришани од катастрофалните поплави. Тимот на ХГСС од вчера е на терен во потрага по исчезнатите, чиј број се проценува на 15.

Многумина останаа без се, без куќи и без своите најблиски. Пуштена е во функција целосна механизација. Она што ја отежнува потрагата е дождот. Повторно врне, но во помала мера од вчера.

Единствената добра вест што утрово ја слушнавме од Доња Јабланица е дека момчето кое пожарникарите го извлекле од урнатините и го пренеле во Мостар е живо и здраво.

Покрај него се уште се трага по најмалку 15 лица. Најголем број починати и исчезнати лица има токму во Доња Јабланица. Најмалку 17 загинати, а потрагата по исчезнатите трае со денови.

– Нешто што ќе ми остане во сеќавање до крајот на животот, нешто што никогаш нема да можам да го извадам од глава, секако е пронаоѓањето на мало дете. Жив, под плоча која мора да тежела два тона. Заедно со мештаните и сите присутни успеавме да го извлечеме детето живо и да го пренесеме до првата медицинска установа. Утрово добив информација дека детето е здраво и дека се што му треба е обезбедено, вели Сабахудин Спаховиќ од Сојузната управа за цивилна заштита.

Со спасувачките екипи е и кучето Зара, кое, како што неодамна изјави уште еден член на тимот Анте Дужевиќ, може да замени до 30 луѓе.

„Само ние двајца одиме во потрага за да нема одвлекување на вниманието и кучето успешно да ја најде жртвата. Важно е сето тоа да се прави преку некаква игра, затоа е потребна концентрација, вели членот на ХГСС, Дужевиќ, кој самиот ја тренирал Зара.