👁️  5

Авганистанските талибански власти уапсија 18 вработени во швајцарската невладина организација Меѓународна мисија за помош (ИАМ), соопшти денеска организацијата.

Според ИАМ, вработените биле киднапирани од канцеларијата на организацијата во Горо, во центарот на Авганистан и однесени во Кабул. Станува збор за еден странец и 17 Авганистанци.

„Двајца авганистански државјани и еден член на меѓународниот тим беа уапсени во неделата на 3 септември во канцеларијата на организацијата, а потоа уште 15 Авганистанци беа уапсени на 13 септември во истите простории“, соопшти организацијата.

„Засега немаме никакви информации за природата на обвинувањата против нашиот персонал и затоа не сме во можност да коментираме или шпекулираме за моменталната ситуација“, се вели во соопштението на организацијата објавено денеска.

Се додава дека доколку се покренат обвиненија против организацијата или нејзините членови, тие сигурно независно ќе ги разгледаат сите презентирани докази.

Невладините организации се под зголемена контрола откако милитантните исламистички талибанци ја презедоа контролата врз земјата пред две години. Талибанците воведоа строги мерки и им забранија на авганистанските жени да се школуваат понатаму од шесто одделение, како и да учествуваат во јавниот живот и работа, вклучително и работа во невладини организации.

Организацијата е присутна во Авганистан од 1966 година, кога се специјализираше за офталмолошка нега, а подоцна се прошири и во други области на здравството и образованието. Таа невладина организација, која е регистрирана во Швајцарија, наведува дека работи само во Авганистан.