👁️  33

Власта на ДУИ и СДС е одговорна за целокупниот распад на системот кој се случува во Македонија. Дури и една институција како АРМ ја тресат сериозни скандали. Освен корупцијата во македонската армија постои секс скандал, односно злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на офицерки и воени лица од страна на високи офицери, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Кај едно од лицата во министерството за одбрана кои биле осомничени за корупција, во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази односно постојат фото и фоно записи со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник. Но да биде уште пострашно овој скандал се криел, а искуството вели дека кога власта на ДУИ и СДС нешто крие, тогаш има намера и да го забошоти.

Дека е тоа така говори и фактот што никој од АРМ и од Министерството за одбрана, вклучително и министерката Славјанка Петровска, не го известиле Стево Пендаровски, кој формално правно е врховен командант. Фатена во небрано Петровска призна дека постои скандалот и рече дека го пријавила некаде, но сепак според тврдењата на Пендаровски не го информирала врховниот командант.

Ова е сериозен удар за АРМ како институција, но и целокупниот систем на одбраната. Овој скандал покажува дека освен што постојат злоупотреби, има и целосно отсуство на комуникација меѓу надлежните институции, што можеби е тенденциозно за да може некои работи да се сокриваат под тепих.

И овој скандал, како и илјадниците други, доколку не се истражат и процесуираат сега, ќе бидат предмет на обработка после промената на власта. Секој што е вмешан и што учествувал во прикривање на вакви скандали на сексуална злоупотреба и корупција ќе одговара, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.