👁️  5

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го одликува со орденот „Херој на Косово“ полицаецот Африм Буњаку, кој беше убиен вчера во северно Косово од организирана група од триесетина маскирани и вооружени лица, кои од косовските власти, но и од повеќе западни центри, беа оквалификувани како терористи, јави дописникот на МИА од Приштина.

На церемонијата, на која им го предаде орденот на децата на убиениот Буњаку, Османи рече дека тој паднал во одбрана на достоинството на Република Косово.

– Денеска му оддаваме почести на еден храбар и несебичен полициски наредник кој го жртвуваше својот живот за заштита на нашите граѓани. Африм Буњаку и другите припадници на полицијата беа предизвикани од криминалната банда. Нашиот херој, Буњаку беше силен столб на косовската полиција. Тој беше посветен слуга на татковината. Тој остана цврст во одбрана на законот и против терористичките групи поддржани од Србија, чија цел беше да го вознемират не само Косово, туку и регионот, рече Османи.

Таа порача дека битката за воспоставување ред и мир е еден од најголемите предизвици во секое општество, додека наследството на Буњаку треба да послужи како потсетник дека хероите се секогаш меѓу граѓаните на земјата.

Османи му оддаде признание на полицаецот Буњаку, затоа што, како што рече, „го стави интересот на Републиката пред личната судбина“.