👁️  1783

Екипите на Пелистер и Вардар одиграа интензивен дерби-натпревар кој заврши без победник (2-2) во рамки на Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Пелистерци имаа два гола предност во првото полувреме, но во вториот дел ривалот беше далеку подобар и се врати до бод во Битола. Овој меч го одбележаа и двете навивачки групи „Чкембари“ и „Комити“, како и отворањето на новата трибина.

Во воведните триесет минути од натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“, Вардар беше тимот кој демонстрира подобра игра и создаваше шанси пред голот на Петровски. Сепак, битолската одбрана одолеа, па Пелистер како да се опушти од стартниот грч и почна да ја префрла топката на половината на големиот ривал. По 30-тата минута битолчани притискаа и од првата сериозна закана дојдоа до гол. Наумовски успеа да погоди, по една двојна одбрана на Филип Гачевски кој фати шутеви на Љамчевски и Китановски. Сепак, третиот шут на некогашниот вардарец беше кобен.

Само неколку минути подоцна, искусниот Борче Маневски успеа да го подобри гол-рекордот против Вардар и да зголеми на 2-0. По центаршут на Љамчевски, одбраната на Вардар заспа, лошо реагира и голманот Гачевски, па Маневски со глава беше реализатор. Тоа беше резултатот и на паузата, а на стартот на второто полувреме, Пелистер имаше можност и за трет гол, ама обидите на Љамчевски и Китановски завршија безуспешно.

Вардар се врати во игра во само пет минути, кога паднаа два гола во мрежата на Петровски. Прво Симе Христов погоди во стилот на центарфор со глава за 2-1, а потоа реализира и нововлезениот Кире Маркоски кој се покажа како вистински џокер и изедначи. Овој момент им даде крила на играчите на Вардар кои продолжија да притискаат, дадоа и трет гол во 83. минута преку Маркоски, но тој беше поништен поради офсајд. Пред самиот крај, Дарко Мицевски ја погоди и стативата од голот на Пелистер, па домаќинот среќно остана непоразен.

Вардар со ова реми го загуби врвот во ВМФЛ. Таму сега се врати тимот на Гостивар кој има 34 бода, еден повеќе од вардарци. Пелистер, пак, дојде до бројката од 27 бода во ВМФЛ по 14 одиграни кола.