👁️  257

Како резултат на незаконското работење на претходните раководства на Министерството за труд и социјална политика, околу 9.000 семејства од социјален ризик се оштетени за 120 евра годишно. Станува збор за 30.000 граѓани корисници на парични средства од системот на социјална и детска заштита од 2020 година.

„Станува збор за 1,7 милиони евра или 100 милиони денари, кои по закон треба да бидат исплатени на корисниците на социјална помош. Проблемот е настанат бидејќи не се корегирани решенијата за помошта кои треба да бидат нивелирани со статистиката и податоците за пораст на животниот стандард. Оваа грешка се провлекува до денеска и не е направена промена“, изјави техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, на денешното гостување во Слободен печат.

Има јасно дефинирана законската обврска по член 31 став 2 од Законот за социјалната заштита и член 15 од Законот за социјална сигурност дека Центарот за социјална работа е должен висината на правото да ја усогласи со трошоците на живот. Претходните раководства на министерството заедно со Центрите за социјална работа не вршеле усогласување со порастот на трошоците на живот кои ги објавува Државниот завод за статистика.

Во секоја категорија на ранливи групи износот е различен. На пример, кај додатокот за образование на лице кое до својата 18-та година имало статус на дете без родители и е редовен студент на државните универзитети, висината на правото во 2020 изнесувало 24 192 денари. Денеска на истиот студент и покрај зголемувањето на трошоците за живот му се исплаќа истата сума. Износот кој треба да го добие доколку претходниците работеле согласно законот е 31,565 денари што е 7,373 денари разлика. На годишно ниво разликата е над 88, 000 денари.

2Уште еден пример за сликата да е појасна, како е оштетено едно четиричлено домаќинство во Република Македонија. Едно четиричлено семејство со мајка, татко и две малолетни деца, со донесување на новиот Закон за социјална заштита во 2019 година добивало 6.800 денари гарантирана минимална помош. Во 2024 година би добивало 8.943 денари. Разликата е 2.143 денари месечно. Во овие категории на граѓани има стари и изнемоштени лица кои останале без работа и се материјално необезбедени, болни, граѓани со интелектуална и телесна попреченост, деца кои живеат во сиромаштија. Во услови кога потрошувачката кошничка расте, цените скокаат, инфлацијата си го наплаќа данокот, а поранешните раководства спротивно на законот ги држеле најранливите граѓани под минималните услови за да го преживеат месецот“, истакна Велковски и најави дека во наредниве денови ќе биде испратено укажување до Центрите за социјални работи да постапуваат согласно законските прописи и да извршат пресметки за секој корисник посебно.