👁️  1804

Таткото и сопругата на киднапираниот Самоил Костадиновски со емотивни сведоштва се огласија за Канал 5 телевизија. По момчето кое е внук на Љубе Бошковски, се трага веќе 10 дена. Две лица се во притвор, но од Самоил ниту трага, ниту глас.

Неговата сопруга низ солзи вели дека се моли да го пронајдат жив и дека живее во страв како ќе ги расте децата без татко. Таа и Самоил веќе имаат едно дете, а сега е бремена и со второто.

Велат дека ниту пиел, ниту користел дрога. Бил спортист кој освојувал награди. За причината за киднапирањето немаат информација, но таткото изјави сомнеж дека во прашање се пари.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствија на кривично дело – Грабнување од член 141 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Тие на 3 март заедно учествувале во дејствија на грабнување на едно лице во Кисела Вода. Осомничените, на возраст од 30 и 25 години, претходно по предлог на Обвинителството, а со решение на Судот беа задржани во краткотраен притвор во траење од два пати по 48 часа со цел обезбедување докази.

Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се обидат да ги скријат или уништат трагите на кривичното дело, ќе влијаат врз сведоците или ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје сега достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.​