👁️  159

Започна вакцинацијата против сезонскиот грип, граѓани се вакцинираат и бесплатно преку „Мој термин“, но и приватно, на свој трошок.

Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Бесим Зеќири во изјава за медиумите рече дека од утринските часови имало пациенти коишто се вакцинирани преку „Мој термин“, како и одредена група, приватно.

– Ние имаме вакцини на залиха од производителот „Пастер“ од Франција по цена од 700 денари, имаме и вакцини обезбедени преку Министерството за здравство, кои одат преку „Мој термин“. Приватни вакцини имаме 1.500 дози. Од Министерството за здравство, вакцини аплицираме толку дози, колку што има термини преку „Мој термин“, појасни Зеќири.

Доколку лицето има настинка, температура или слично, тој советуваше да се одложи вакцинирањето.

– Ова е најдобриот период, крајот на октомври – почетокот на ноември, почнуваме точно на време. Во зимскиот период се очекува поголем број заболени, ние сме точно на време затоа што треба две до четири недели да реагира вакцината, односно да се разбуди имуниот одговор за организмот да биде заштитен, истакна Зеќири.

Тој апелираше и до здравствените работници, но и до останатите граѓани, сите да се вакцинираат затоа што инфлуенцата, или грипот, како што посочи, претставува најголем проблем за јавното здравство и во однос на морбидитетот и во однос на морталитетот, значи и во однос на бројот на заболувања и во однос на смртни исходи, особено во зимскиот период. Најдобар начин за справување со овие предизвици, како што додаде, е вакцинацијата.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски информираше дека со вакцинацијата против сезонски грип, сѐ оди во најдобар ред.

– Ги следиме препораките на Светската здравствена организација за обезбедување вакцини во октомври, тоа е навистина еден многу добар момент. Тоа што не го следиме, а препорачано е од Светската здравствена организација, е опфатот на популацијата. Би било убаво кога годинава би забележале уште малку пораст на вакцинираните луѓе, со што би се приближиле до препораките од 75 отсто опфат на населението, подвлече Петличковски.

Годинава, како што додаде, Светската здравствена организација некаде околу февруари препорача четиривалентна вакцина против грип и таа е и обезбедена.

– Вкупно се 60.000 бесплатни дози, плус обезбедени се некои за комерцијална употреба. Во моментов доминира тип А од инфлуенца, појасни Петличковски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој кажа и оти засега има добар одѕив, над 30 000 луѓе пројавиле интерес за вакцинација. Но, Петличковски изрази надеж оти со стартот на сезоната на грип тој број ќе се зголемува.