👁️  145

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од страна на Министерството за правда.

Одлуката е донесена со мнозинство гласови и ќе биде објавена во Службен весник.

Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува.

Упатството е  поништено бидејќи Судот оцени дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Тој член предвидува рок за објавување „најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите.

Во однос на прашањата што значи оваа одлука за извадените изводи согласно Упатството, Судот појаснува дека одговорот на ова прашање треба да се бара преку толкување на  член 81 став 1 од Деловникот на Судот, кој дава право на секој граѓанин којшто смета дека со поединечен акт, или во случајот издавањето на изводите му е повредено некое право може да бара поништување на таквиот акт, во рок од шест месеци, од денот кога ќе се објави одлуката на Уставниот суд.

Согласно Уставот, одлуката на Уставниот суд е конечна и извршна.