👁️  5

Додека власта преговара, заговара, ветува и потпишува штетни одлуки за Македонија, гневот кај народот расте бидејќи под превезот на преговори за ЕУ, СДСМ и ДУИ прават ненадоместлива штета.

Македонските граѓани низа пати се изјаснија дека не прифаќаат ваков „пазар“ со државата, а дури над 80 проценти од народот е против уставни измени под бугарски диктат.

Пулсот и гласот на народот е игнориран и потценет од власта која прво ја диктираа Зоран Заев и Али Ахмети, а сега и Димитар Ковачевски. Но, на страната на граѓаните цврсто застануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се сплотија и делуваат против обидот за изигрување на народната волја.

Уставните измени под бугарски диктат кои власта сака да ги протне по секоја цена, веќе извесен период се во фокусот на јавноста, но и под будното око на сите страни. Македонија е пред сериозни предизвици, власта е упорна, опозицијата решителна. Се отвора “битка“ за одбрана на Уставот, за недозволување на обидот по којзнае кој пат оваа власт да ја “свитка кичмата“ на Македонија. Во таа “битка“ не се судираат нењчии лични суети, туку планот на власта за протнување на уставните измени наспроти волјата на народот чии ставови во Собранието ги брани ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено порачуваат дека уставни измени преку изигрување на народната волја нема да се случат.

„ВМРО-ДПМНЕ убедливо води на секоја анкета и е пред историска победа! Победа на народот, победа за Македонија, порачува пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ“, Владо Мисајловски.

„Издржавме многу, ќе издржиме сѐ што е потребно, бидејќи Македонија нема цена.

Улиматум не прифаќаме и немаме намера да прифатиме. Пред нас е историска победа затоа ќе ги победиме сите на купче“ – истакна тој.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски посочува дека ВМРО-ДПМНЕ има цврста поддршка од граѓаните да опстои на патот и позициите по кои оди и кои ги застапува.

Тој рече дека раководство и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излегле пред граѓаните и јасно кажале дека можат да веруваат на ВМРО-ДПМНЕ и сите чекори досега што беа направени се во насока дека нивната доверба ќе биде оправдана.

„Имаме фактичка ситуација каде ВМРО-ДПМНЕ има најмалку двојно предност на сите релевантни анкети кои сега се во оптек и се разбира дека во таква ситуација нашите политички ривали или непријатели ќе ги искористат и ќе посегнат по сите средства и инструменти со цел таа фактичка состојба да ја променат и да стигнат до нивните лукративни цели. Во тој процес да се обидат да имаат намера или да направат дејанија со кои ќе се обидат да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ или во крајна цел да успеат да го поделат. Тие обиди ќе им бидат залудни, ВМРО-ДПМНЕ е цврство и нашата пратеничка група е непоколеблива, ќе опстоиме на ставот и нема да се случи нешто на што ние сме се обврзале дека ќе го направиме“, вели Јаревски.

„ВМРО-ДПМНЕ е сложно и обединето со цврст и јасен став за промени во Македонија кој ќе донесат подобро утре за нашиот народ.

Партијата помина години на тешка опозиција. Години во кои недолжни луѓе поминуваат во затвор.

Денес партијата е на вистинскиот пат со силна поддршка од македонскиот народ со над 40 градоначалници и најбројна пратеничка група во Собранието на Македонија.

Повикувам на единство, обединување и поддршка кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и целото раководство на партијата“ – истакна Жаклина Пешевска, претседателка на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.

Се огласи и пратеникот Антонијо Милошоски.

Милошоски посочи дека со оваа акција на СДСМ и ДУИ целта им е да се амнестиираат двајца поранешни премиери, а од друга страна менуваат правосудни закони кои би создале лична корист и заштита на актуелните функционери на СДСМ и ДУИ.

„Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментов разговараат за нов закон за амнестија со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за замнетсија во минситерството за правда и владата има различни позиции.

Агендата на СДСМ и ДУИ во периодот кој следи е со две примарни политички цели. Едната цел е да се спасат функционерите и да има амнестии за тие кои краделе и ја залоупотребиле функцијата, а втората е да го искористат Груевски за фрагментација во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да си олеснат евентуално олеснување на уставните измени.

Ние им порачуваме и на СДСМ и на ДУИ и на нивните клиенти да не го потценуваат ВМРО-ДПМНЕ, да не го потценуваат народот. Партијата е обиденета, пратеничката група е сплотена и ВМРО-ДПМНЕ под ниеден услов нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат, а овие политички пазарења со амнестии во Кривичниот законик нема да ги спасат од одговорност актуелните функционери доколку сметале дека ова им е некаков политички аванс“ – порача тој.

Се гордеам што сум дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За обнова на Македонија” затоа што испишуваме историја, истакнува пратеникот Љупчо Пренџов.

Неговиот Фејсбук статус прочитајте го во продолжение:

– Затоа што сме единствена опозициона пратеничка група во досегашната парламентарна демократија која што влегла во Собрание со 44 пратеници и со толку сме излегле.
– Затоа што сме пратеничка група која не е спремна да се договара со никого и за никого.
– Затоа што сме имуни на разно разни пазарења, сплеткарења, преговарања и договарања позади грбот на граѓаните.
– Затоа што не се плашиме од ничиј закани, не подлегнуваме на уцени и притисоци.
– Затоа што знаеме што сакаме, имаме цел и сме мотивирани да ја исполниме.
– Затоа што единствената водилка во политичкото делување ни е Македонија и интересите на граѓаните.

Бугарски диктати не прифаќаме и за уставни измени НЕМА да гласаме.

Обидот да се исполни нечие сценарио за Македонија, кое некој го смислил, а претставници на македонската Влада со климање на глава и потпис го прифатиле, е само една од причините поради кои народот јасно и гласно го критикува двоецот СДСМ-ДУИ. Оправдано, кај нив се јавува стравот од се поочигледниот изборен пораз со кој ќе се соочат следната година кога треба да се случат редовни парламентарни и претседателски избори.

Така, споени од стравот и “маката“ која им ги предизвикаа сите анкети кои го мерат јавното мислење, СДСМ, ДУИ и Стево Пендаровски се соочија со фактот дека брзо ќе бидат поразени, па принудени изработиле план кој ако се реализира нив ќе ги направи победници, но граѓаните и државата губитници. И во таа цел, не бираат средства. Бараат помош и сојузници за личен бенефот, а по линија на помал отпор трагаат по жртви меѓу опозицијата. Бараат и не можат да најдат. Тоа ги плаши и ги прави нервозни.

Наместо на сојузник во штетните политики, тие наидоа на отпорот од “штитот“ со кој ВМРО-ДПМНЕ и неговите претставници застанаа да го бранат Уставот од ваквите измени.

Имаа едно слично искуство, со друга структура на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, каде успеаја да издејствуваат тоа што сакаа, но оваа пратеничка група покажа цврста лојалност кон народот и македонските интереси.

Според последните информации кои излегоа во јавноста, власта на СДСМ и ДУИ соочена со фактот дека во Христијан Мицкоски не може да најде партнер за разнебитување на Македонија, се свртеле кон претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Постои основан простор за сомнеж дека на Груевски му било ветено дека нема да биде кривично гонет, а во замена за тоа да се врати и да помогне да поминат во Собранието уставните измени под бугарски диктат. Овој план по разоткривањето пропадна во целост, па власта соочена со неуспехот, почнува да креира лажни слики за состојбата. Фактите и тука ги побиваат.

Гласините дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски лично заговарале уставни измени, ги демантираше лично Али Ахмети, лидерот на ДУИ.

Новинарот кој го водеше интервјуто праша: „Острата реакција на јавноста беше зошто сега, толкувањето е дека има договор со ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени. Дали е ова вистина“?

-Нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ за да се изгласаат уставните измени. ВМРО го искажа јавно својот став дека нема да ги изгласа уставните измени под бугарски диктат. Ние овде имаме огромни разлики, ова е многу жешка тема, тема која бара многу поконцентриран пристап. Ние овде се разликуваме многу со ВМРО-ДПМНЕ, порача Ахмети во интервју за ТВ21.

Неодржлива е тезата дека има раскол во ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата е разединета. Пратениците се сплотени во ставот дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат и дека ќе ги штитат интересите и ставовите на народот непоколебливо.