Најпрестижната фудбалска награда „Златна топка“ (Ballon d’Or) во иднина заеднички ќе ја доделуваат УЕФА и Групацијата „Амаури“, во чија сопственост се неделникот „Франс фудбал“ и дневниот весник „Л’Екип“.
УЕФА и Амаури, која е творец на „Златната топка“, потпишаа денеска договор за партнерство за заедничка организација на доделувањето на престижната награда, почнувајќи од 2024. Договорот за соработка е постигнат седум години, откако беше раскината досегашната соработка меѓу француските организатори и ФИФА.
Групацијата Амаури ќе остане мнозински сопственик на „Златната топка“ и ќе продолжи да го надгледува гласањето, а ќе бидат додадени две нови категории – за најдобар тренер и најдобра тренерка на годината.
„Златната топка“ традиционално се доделува во Париз, но од Амаури најавија дека постои можност во иднина да се организира и во други европски метрополи.