👁️  19

Согласно планот за реформа на основното образование кој се спроведува етапно, годинава комплетно нови учебници треба да има за трето и шесто одделение, за што се изработени нови наставни програми од Бирото за развој на образованието (БРО), доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение.

-Со учебниците за трето сме во понапредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година. Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма. Тие ќе помогнат во постигнување на резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми, велат за МИА од Министерството за образование и наука.

Оттаму посочуваат дека учениците од прво, второ, четврто и петто одделение, за кои наставните програми беа креирани во минатите две години, ќе ја почнат новата учебна година со нови учебници по сите предмети. Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој беше повлечен од употреба поради потребата од технички исправки и корекции на одредени содржини со неточни податоци. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека не се изработи и достави учебникот.

Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во број колку што самите училишта пријавиле во текот на мај.

Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно. Годинава МОН работи на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение. Тие ќе бидат прикачени на посебен портал кој е во фаза на изработка и учениците и наставниците со кликање ќе може да ги симнуваат и да ги користат доколку им е полесно учењето од дигитални учебници.

Во однос на доцнењето на учебниците минатата учебна година, кои учениците ги добија на крајот од првото полугодие и дотогаш користеа материјали за учење со разработени содржини од предвидената наставна програма, МОН укажува дека постапката за изработка и одобрување учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, е сложен процес кој може да потрае и неколку месеци.

-Затоа се случува тој, за одреден предмет, да не се заокружи пред почетокот на нова учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за предметот да нема интерес за доставување ракописи од автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката. Проблем настанува и во немањето рецензенти кои ја имаат клучната улога во давање мислење за ракописите. Потоа следува разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака, велат од МОН за МИА.

Од МОН посочија и дека навремено ги спроведуваат сите постапки за изработка и одобрувања на учебниците и секогаш согласно законот и роковите.

-Сите заедно, со другите надлежни институции, органи и тела, правиме максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја по секој еден предмет и новата учебна година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите. Подготвителните активности за успешен старт на новата учебна година се интензивираат и учениците, родителите и наставниците треба да бидат спокојни и ослободени од грижите кои ги имаа во изминатите години од аспект на обезбедени учебници, наставни и нагледни средства, услови за настава и слично, додаваат од МОН.