Италијанската полиција уапсила албански државјанин откако биле пронајдени и запленети повеќе од 40 килограми чист кокаин, чија вредност на пазарот достигнува 10 милиони евра, јави Топ чанел.
Полицијата при рутинска контрола го запрела автомобилот марка “голф” управуван од 30-годишниот Албанец, чиј идентитет не се наведува. При претресот на автомобилот била пронајдена кеса со еден килограм кокаин, а потоа бил извршен претрес и неговата куќа каде биле пронајдени уште 40 килограми кокаин и пиштол со сета потребна муниција, наведува телевизијата.
Во куќата, што се користела како лабораторија и магацин, полиција пронашла поголема сума пари за кои основано се сомнева дека се од продажба на кокаин.
Уапсениот бил притворен во затворот Монтакуто, а дрогата, парите, оружјето и другата муниција пронајдени при претресот биле запленети.