👁️  12

За прв пат после многу години од набавката на ертракторите, трите се во исправна состојба, подготвени за дејствување во случај на големи пожари, истакнаа директорот на Центарот за управа со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, и директорот на Дирекцијата за заштита и справување (ДЗС), Беким Максути, на денешната прес – конференција одржава во 11 часот во просториите на ЦУК.

-ЦУК, после подолго време, последните две и пол години има извонредна соработка со Дирекцијата за заштита со која се трудиме да овозможиме граѓаните да бидат максимално заштитени, изјави Ангелов.

Тој истакна дека благодарение на соработката на ЦУК и ДЗС со Министерството за внатрешни работи и Армијата, тие моментално располагаат со два хеликоптери од МВР, од кои едниот е со ведро од еден тон, а другиот со значително поголемо ведро од три тона, како и два хеликоптери од Армијата кои ги чуваат како посебна линија на одбраната.

-Исто така имаме и извонредна соработка со Локалната самоуправа, со Територијалните противпожарни единици со коишто на терен секогаш наидуваме на разбирање, што значително ја олеснува координацијата при појава на шумски пожари или пожар на отворено, како и со градоначалниците и пожарникарите од Национални шуми, додаде Ангелов.

На прашањето сега откако се добиени противпожарните авиони, дали има можност на активирање на сензорни механизми за гасење на пожарите како што е примерот со Германија неколку други држави, Максути рече дека се работи на заеднички преку граничен проект со Албанија, каде што покрај Општините Струга и Либражд којшто покрај тоа што го покрива Националниот парк на планината Јабланица, таму веќе поставени се и сензори и камери.

– Влегуваме во втората, односно завршната фаза на проектот, активни се, даваат исклучителни резултати. Ние сме отишле чекор понапред со тоа што ги споделуваме податоците со Министерството за внатрешни работи, значи се што добиваме како слики или како видео записи или пак други сигнали, ги споделуваме со МВР со цел спречување на сеча но и какви било други влијанија коишто можат да се случат во тој регион, рече Максути.

Исто така и Ангелов истакна дека како држава доста сме добри во раната детекција на пожарите и релативно брзo се дознаваат сите пожари.

Директорот на ЦУК нагласи дека покрај ова, со МВР моментално соработува и на случајот со исчезнатото лице во вештачкото зеро Глажња.

-Во овој момент три нуркачки тима со по два нуркачи на Тигрите се обидуваат да го најдат телото на 30-годишното лице коешто исчезна вчера во водите на вештачкото езеро Глажња, истакна тој.

Директорот на ДЗС, Максути, истакна дека согласно Законот за заштита и спасување секое лице во државата е должно да биде дел од системот за заштита и спасување и укажа дека било што и да се случува на терен, посебно во летните периоди кога температурите се енормно високи и кога опасноста од пожарите е поголема, секој граѓанин е должен да преземе мерки и да дејствижува со цел навремено гаснење на пожарите.

-Сакаме да укажеме дека авионите и хеликоптерите се последната последната алатка со којашто треба да дејствуваме во случај на пожар, истакна Максути.

Тој нагласи дека од досегашната пракса може да се согледа дека градоначалниците пред било што да потрошат од своите ресурси, било каква друга помош да побара од другите соседни општини, бара директно вклучување на авион, односно хеликоптер дали преку ЦУК, МВР или ДЗС.

-Треба да се каже дека во однос на Законот прв којшто треба да дејствува на терен, во зависност од тоа каде се појавил пожарот се просторните сили на општината, наменските служби, вработените и интервентните служби на сопственикот. Во случај на поголем настан треба да се вклучат пожарникарите, Итната медицинска помош и МВР, додаде Максути.

Директорот на ДЗС потенцираше дека силите и средствата на Локална самоуправа, во кои спаѓаат јавните претпријатија, установи, служби, волонтери и просторните сили на Дирекцијата за заштита и спасување, потоа Државните сили и средства, тимовите за брз одговор на ДЗС и Републичките сили имаат надлежност заедно со градоначалниците на тие општини каде што има настан, да дејствува во координација со ЦУК за спречување на пожарите.

-И на крајот, нормално, ако сето ова не е доволно за справување со истиот настан, тогаш се преминува и на помош од надвор, истакна тој и додаде дека ваков посериозен случај имале во 2021 година кога го активирале механизмот за помош на Европската унија.