👁️  12

Огранокот во Косово на организацијата “Транспаренси интернешенл“, Демократскиот институт на Косово (КДИ), оцени дека по прес-конференцијата на која премиерот Албин Курти заедно со вицепремиерот Бесник Бислими зборуваа за последните случувања во дијалогот со Србија, Курти треба да поднесе извештај и пред Собранието, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во реакцијата на КДИ, се вели дека ги поздравуваат информациите што Курти ги дал за дијалогот и дека информирањето на јавноста за случувањата во процесот на дијалогот Косово-Србија е од суштинско значење за гарантирање на транспарентноста и јавната одговорност, како и за зголемување на довербата на граѓаните во овој процес.

Меѓутоа, според нив, Курти треба да одговара и пред пратениците за овој процес.

– Сепак, ова не го ослободува премиерот од одговорноста по денешните алармантни изјави што поскоро да поднесе извештај до Собранието на Косово, како највисока надзорна институција за надворешна политика. Известувањето на премиерот пред Собранието, освен што е уставна должност, е од витално значење за одржување на стандардот на демократско и одговорно владеење, се вели во реакцијата на КДИ.

Според КДИ, во оваа насока и опозициските политички субјекти треба да ја остварат својата пратеничка улога и да ја повикаат извршната власт на отчетност, барајќи редовни извештаи од премиерот за дијалогот со Србија.

– Претставувањето на извршната власт на медиумски конференции по средбите во рамките на дијалогот е позитивно, но не може да биде замена за уставните обврски кон институцијата Собрание, согласно демократските принципи на поделба и балансирање на власта, се вели во реакцијата на косовскиот огранок на „Транспаренси“.

Информирајќи за последната рунда преговори меѓу Косово и Србија, на 14 септември во Брисел, Курти денеска пред медиумите изјави дека шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел и посредникот во дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак биле синхронизирани и во координација со српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Курти рече дека Борел и Лајчак го изложиле на сценарио кое претходно го дизајнирале со цел формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство да го стават во фокусот на основниот договор, без да предвидат спроведување на другите делови од договорите меѓу Приштина и Белград.