👁️  26108

Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработи во фабрика во Турција, на 14 ноември тргна со специјален камионски транспорт кон Битола, но се уште е во земјата на потекло.

ЕСМ претходно зацрта дека трансформаторот без кој третиот блок во РЕК Битола не може да работи, треба да пристигне до 22 ноември, но рокот е веќе две недели пробиен.

Трансформаторот треба да се пренесе преку Солун и Меџитлија, по што ќе бидат потребни 10-тина дена за да се изврши монтажа на истиот.

400-киловолтниот трансформатор со тежина од 240 тони чини 5,5 милиони евра, а композицијата долга 60 метри која се пренесува, побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.

Трансформаторот е насушно потребен за енергетската криза, бидејќи со доаѓањето на зимата ќе биде потребно што е можно поголемо домашно производство на електрична енергија. Ковачевски денеска рече дека термоелектраната Осломеј е ставена во функција, а во наредните денови ќе се оспособи за работа и ТЕЦ Неготино.