Претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот противник и претходник на претседателската позиција Доналд Трамп, се обвинија еден со друг дека ја охрабруваат Русија во воениот конфликт со Украина. Тие ја нападнаа надворешната политика на противникот за време на претседателската дебата што се водеше на CNN во Атланта, пренесуваат светските медиуми.
Трамп тврдеше дека Бајден ја уништил репутацијата на САД на светската сцена и дека тоа било еден од факторите кои го охрабриле рускиот претседател Владимир Путин да ја започне тековната воена операција во Украина во февруари 2022 година.
– Да имавме претседател кој беше почитуван од Путин, тој никогаш немаше да ја нападне Украина. Бајден не направи ништо за да го спречи. Знаете, мислам дека тој ја охрабри Русија да влезе во Украина, рече Трамп.
Поранешниот претседател изјави дека Путин ја забележал некомпетентноста на Вашингтон за време на повлекувањето на американските трупи од Авганистан во 2021 година.
– Тоа (повлекувањето од Авганистан) беше најсрамниот момент во историјата на САД. Кога Путин го забележа тоа, тој си рече, ‘Знаете што, мислам дека ќе влеземе во Украина’, нагласи Трамп.
Кога дојде редот на Бајден да зборува, актуелниот претседател на САД рече дека токму Трамп го охрабрува Путин.
– Овој човек (мислејќи и посочувајќи го Трамп) му рече на Путин, ‘Прави што сакаш.’ И тоа е точно што Трамп го направи со Путин – го охрабри, рече Бајден и притоа Трамп го прекина, реплицирајќи дека никогаш не го рекол тоа.
Запрашан од Дана Баш од CNN дали условите за мир во Украина предложени од Путин се прифатливи за него, Трамп одговори: дека не се прифалтиви. Потоа го повтори своето тврдење дека тој би го смирил тој воен конфликт ако биде реизбран за претседател на САД.
Бајден нагласи дека САД мора да продолжат да ја помагаат Украина и тврдеше дека Русија би можела да нападне некоја НАТО членка во иднина.
– Ако Путин ја земе Украина, што мислите ќе се случи со Полска, запраша Бајден.
М.П.