👁️  33

На втората претседателска ТВ дебата на Републиканците учествуваа седуммината Републиканци кои заедно со Доналд Трамп се борат да бидат кандидат на нивната партија на претседателските избори во САД следната година, а овој пат повторно отсуствуваше поранешниот американски претседател.

Во дебатата одржана вчера во библиотеката и музејот на Роналд Реган во Сими Вали, Калифорнија учествуваа поранешниот потпретседател Мајк Пенс, поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли, гувернерот на Флорида Рон Десантис, гувернерот на Северна Дакота Даг Бургум, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот, поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи и претприемачот Вивек Рамсвами.

На ТВ дебатата кандидатите главно ги критикуваа отсутните, Трамп, американскиот претседател Џозеф Бајден, но и меѓусебно, најмногу за прашањата за односите со Кина, миграцијата и економската политика, пренесуваат британските медиуми.

Гувернерот на Флорида Рон Десантис го нарече Трамп „исчезнат во акција“ и го обвини за зголемување на националниот долг за трилиони долари.

Поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, редовен критичар на Трамп, рече дека Трамп е „исплашен“ и го нарече „Пајо Паторот“ затоа што ја прескокнал дебатата.

Мајк Пенс, потпретседателот на САД за време на администрацијата на Трамп од 2017-2021 година, најави дека доколку биде избран, ќе има спротивен пристап од поранешниот американски претседател.

Бајден, потенцијалниот демократски кандидат за изборите во ноември 2024 година, исто така се најде на удар на републиканските кандидати, кои остро го критикуваа неговото справување со економијата и мигрантската криза на јужната граница со Мексико.

Неколку минути пред почетокот на дебатата, Трамп зборуваше на форум во Мичиген, каде работниците од автомобилската индустрија кои бараат повисоки плати и подобри услови за работа му се придружија на актуелниот американски претседател во вторникот во знак на протест.

-Сите тие кандидати за функцијата. Дали некој меѓу нив гледа потпретседател? Мислам дека не, рече Трамп за неговите републикански конкуренти за претседателската номинација, кои учествуваа во дебатата.

Избегнувајќи ги двете дебати, поранешниот претседател покажа дека во кампањата е фокусиран на Бајден, неговиот поранешен, а можеби и иден противкандидат, а не на републиканските кандидати кои заостануваат далеку во досегашните анкети, наведуваат британските медиуми.

Републиканците официјално ќе го изберат својот кандидат на конвенцијата во јули пред претседателските избори во ноември 2024 година.