👁️  89

Очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништување на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе.

Вака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги оцени обвинувањата од опозициската СДСМ по вчерашното пукање во скопски Чаир. Вели дека бил разочаран од „некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот.

-Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства, вели Тошковски преку социјалната мрежа Фејсбук.

Според него, владејачките структури на СДСМ дозволиле криминалци да владеат на улиците.

-Но, сите знаеме каков хаос се случуваше во изминатите 7 години каде скандалите се редеа еден по друг. Нивните владеачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во “Ист Гејт”, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во “Шиша Бар” и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа, вели Тошковски.

Министерот потсети на дел од случаите кои во минатото ја тресеа Македонија.

-Граѓаните многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците. Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните.  Да не заборавиме и дека токму во нивно време се случија корупциските афери како “Рекет”, каде највисоките државни функционери беа замешани во изнуда и злоупотреба на моќ. Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен, вели тој.

Тошковски пишува и дека враќањето на безбедноста, правдата и редот во државата е приоритет на МВР.

-Ние најавивме бескомпромисна борба со овие криминални структури, почнавме да го обновуваме системот и да ја враќаме контролата врз безбедноста и правдата, но не може веднаш да се реши она што беше систематски уништувано 7 години. Воведовме засилени мерки и акциски контроли, но за целосна победа над криминалот е потребна стратешка и долгорочна акција. Ова е процес што нема да се случи преку ноќ, но ние сме решени да ги вратиме безбедноста, правдата и редот во земјата, за разлика од нив, кои дозволија криминалците да го контролираат секој аспект од нашето општество, вели Тошковски.