👁️  12

Стабилна и безбедна Босна и Херцеговина и мирен Западен Балкан се стратешки интерес на Алијансата и затоа долги години НАТО ја поддржува БиХ во развојот на нејзините одбранбени и безбедносни капацитети, пред се на Вооружените сили, кои претставуваат успешен пример за мултиетничка институција во земјата, изјави помошникот генерален секретар на НАТО за операции, Том Гофус на крајот на дводневната посета на Сараево.

-НАТО силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, во согласност со Општиот рамковен договор за мир и е целосно посветен на продолжување на партнерството со БиХ, истакна Гофис.

Тој најави дека Алијансата ќе покрене Иницијатива за одбрана и градење капацитети, со цел да и помогне на БиХ „да ги унапреди своите реформски напори и да ја зајакне нејзината отпорност против малигните мешања, за доброто на сите нејзини граѓани“.

– Ги охрабруваме властите на Босна и Херцеговина целосно да ја искористат поддршката на НАТО за нејзините реформски напори и да ја достават својата програма за реформи за 2023 година, без со тоа да се прејудицира конечниот став околу членството во НАТО. Ова е клучно за стабилноста на Босна и Херцеговина и Западниот Балкан, додаде Гофус.

Помошникот генерален секретар на НАТО нагласи и дека Алијансата ја поддржува операцијата на Европската Унија во БиХ – Алтеа и е посветена да продолжување на таа поддршка преку договорот Берлин плус, склучен меѓу Северноатлантскиот пакт и ЕУ во 2022 година. Договорот Берлин плус и овозможува на ЕУ да користи дел од воените капацитети на НАТО во сопствените мировни операции.

За време на посетата на Сараево, Гофус се сретна со министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, со командантот на Штабот на НАТО во Сараево, бригадниот генерал Роберт Хјустон, со командантот на Алтеа, генерал мајорот Хелмут Хабермајер, со високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмид, со специјалниот претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер и со амбасадори на земји членки на Алијансата. (МИА)