👁️  40

По кратко боледување денеска во Скопје на 80-годишна возраст почина Насе Насев, едно од најславните имиња во спортската историјата на Македонија и најтрофејниот тренер во борење.

Насе Насев, роден во село Нивичани, Кочанско во 1943 година, е еден од основоположниците на македонското борење, поранешен борач и тренер на БК “Спартак“ од Кочани, долгогодишен селектор на репрезентацијата на поранешна СФР Југославија, а потоа и на независна Македонија.

Учесник е на десет Олимписки игри, творец на легендите како Шабан трстена, Шабан Сејдиу и многу други кои ја прославија Македонија и македонското борење, а како спортски директор на МОК, под негово раководство во Сиднеј во 2000 година беше освоен првиот медал во самостојна Македонија, тогаш Могамед Ибрагимов го освои бронзениот медал.

За својата работа и ангажман во борењето се здоби со Трофеј и Златен беџ на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Во 1997 година доби место меѓу великаните на Македонскиот олимписки комитет (МОК), што претставува посебна чест за секој спортист и спортски работник во нашава земја.

На 23-ти јуни оваа година го доби и највисокото признание од државата од страна на претседателот Стево Пендаровски кој го одликуваше со Медал за заслуги за Македонија за траен белег на спортските терени и огромниот придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.