👁️  54

Тајфунот „Саола“ рано утринава стигна во јужна Кина, откако речиси 900.000 луѓе беа евакуирани, а економскиот живот, транспортот и образованието беа нарушени во Хонг Конг и другите крајбрежни делови на Кина.

Метеоролошката канцеларија во провинцијата Гуангдонг соопшти дека моќниот тајфун утрово го погодил предградието на градот Жухаи, јужно од Хонг Конг. Се очекува да продолжи во југозападен правец долж брегот на Гуангдонг, а потоа постепено да ослабне и повторно да се движи назад над морето.

Вчера 780.000 луѓе беа евакуирани во Гуангдонг и уште 100.000 во соседната провинција Фуџијан. Над 80.000 рибарски бродови се вратија во пристаништето.

Голем број вработени останаа дома, а во повеќе градови почетокот на новата учебна година беше одложен за следната недела. Вчера привремено беше запрено тргувањето на берзата во Хонг Конг, а стотици луѓе беа блокирани на аеродромот во азискиот финансиски центар, каде беа откажани околу 460 летови. (МИА)