![](https://analitikum.mk/wp-content/uploads/2023/04/sudan-1-696x419-1.png)
Постои „висок ризик од биоопасност“ во Картум, главниот град на Судан, откако една од завојуваните страни запленила лабораторија во која имало мали сипаници, патогени на колера и други опасни материјали, соопшти во вторникот Светската здравствена организација (СЗО).
Претставникот на СЗО за Судан, Нима Саед Абид, зборувајќи со новинарите во Женева преку видео врска, рече дека техничарите не можат да пристапат до Националната лабораторија за јавно здравје за да ги обезбедат материјалите.
„НАШАТА ГЛАВНА ГРИЖА Е ДЕКА НИТУ ЕДЕН ЛАБОРАТОРИСКИ ТЕХНИЧАР НЕМА ПРИСТАП ДО ЛАБОРАТОРИЈАТА ЗА ДА ОБЕЗБЕДИ БИОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ И ДОСТАПНИ СУПСТАНЦИИ“, РЕЧЕ ТОЈ.
Абид не прецизираше која од завојуваните страни ја окупирала лабораторијата.
Судирите во земјата избија на 15 април меѓу суданските вооружени сили и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Според податоците на СЗО, најмалку 459 лица загинале, а 4.072 се повредени.
Абид истакна дека бројот на жртвите е премал, додавајќи дека тој лично видел две тела на улица во последните денови.
Конфликтите ги парализираа болниците и другите основни услуги. Многумина останаа во своите домови, со намалени резерви на храна и вода.
СЗО пријави 14 напади врз здравствени установи од почетокот на конфликтот и го преместува својот персонал на безбедно.
Абид рече дека бил пренесен од Картум до Порт Судан во понеделникот како дел од голем конвој кој ја премиувал пустината 30 часа.
Поради интензивните борби, Хуманитарниот кабинет на Обединетите нации (OCHA) беше принуден да намали дел од своите активности во некои области на Судан.
Најмалку пет хуманитарни работници се убиени од избивањето на конфликтот, а агенциите на ОН кои го загубија персоналот, Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Светската програма за храна (WFP), ги прекинаа своите активности.
Регионалниот директор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) за Африка, Патрик Јусеф, ги повика другите земји да продолжат да вршат притисок врз Судан да најде „трајно решение“, дури и откако странците ќе бидат евакуирани од земјата.