👁️  96

Светската здравствена организација (СЗО) нагласи дека барањето од пациентите во болниците да се евакуираат во Газа е „смртна казна“, а генералниот директор на организацијата го повика Израел да ја повлече својата одлука со која нареди евакуација.

СЗО денеска соопшти дека локалните здравствени власти во Газа ги информирале оти е невозможно да се евакуираат болнички пациенти од северниот дел на Газа, откако израелската војска повика цивилите да се евакуираат на југ во рок од 24 часа.

– Има тешко болни луѓе чии повреди значат дека единствената шанса за преживување им е да бидат на апарати за одржување во живот, како што се механички вентилатори, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

– Значи, преместувањето на тие луѓе е смртна казна. Барањето од здравствените работници да го сторат тоа е повеќе од сурово, нагласи тој.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека болниците во Газа се на „пресудна точка“ и апелираше директно до Израел да ја откаже наредбата за евакуација.