👁️  5

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека и е потребен итен пристап до Појасот Газа за да достави помош и лекови, предупредувајќи на потенцијална долготрајна хуманитарна криза во палестинската енклава.

Од канцеларијата на регионалниот директор на СЗО за Источен Медитеран, Ричард Бренан, беше соопштено дека претставници на таа агенција на ОН денеска ќе се сретнат со „луѓето кои носат одлуки“ со цел што поскоро да се овозможи пристап до Газа.

– Имаме подготвена помош јужно од Рафах и чекаме зелено светло да влеземе во Газа, рече Бренан, алудирајќи на потенцијалното отворање на граничниот премин Рафах со Египет, кој беше многу важен пат за хуманитарна помош пред почетокот на борбите меѓу Израел и Хамас. Тој премин се уште е клучна рута за снабдување со храна за жителите на Појасот Газа.

СЗО истакна дека нивната пратка била подготвена од пред три дена, но дека тимовите на ОН не можеле да ја достават. „Дури и ако мислите дека ова лудило и ужас ќе престанат и да почнеме да размислуваме за закрепнување, ова ќе биде долгорочна хуманитарна криза, истакна претставникот на СЗО за Западниот Брег и Газа, Ричард Пајперкорн.

Говорејќи од Каиро, тој рече дека 2.800 луѓе биле убиени и 11.000 ранети во Газа од почетокот на израелската офанзива на 7 октомври, од кои половината се жени и деца. Канцеларијата за човекови права на ОН денеска соопшти дека израелската опсада на Газа и наредбата за евакуација од северот на енклавата може да се сметаат за насилен трансфер на цивили и кршење на меѓународното право.