👁️  19

Британскиот премиер Риши Сунак денеска треба да соопшти кој ќе биде нов министер за одбрана на Велика Британија, јави Би-Би-Си.

Бен Валас, кој беше министер за одбрана изминатите четири години, денеска поднесе оставка, откако минатиот месец соопшти дека ќе ја напушти функцијата при следната реконструкција на кабинетот.

Во изјавата за оставката, Валас вели дека неговите воени и политички кариери биле „личен данок за него и неговото семејство“.

– Министерството за одбрана што го напуштам сега е помодерно, подобро финансирано и посигурно од организацијата што ја презедов во 2019 година, нагласи тој.

– Искрено верувам дека во текот на следната деценија светот ќе стане понесигурен, подвлече Валас.

Риши Сунак изјави дека Валас работел на „најсложените позиции во владата“ и изрази благодарност и почит за неговата работа.

Високи претставници на конзервативците изјавиле дека потенцијални наследници на Валас се министерот за вооружени сили Џејмс Хепи и главниот секретар на Министерството за финансии Џон Глен.

Британската Влада не ги коментира информациите за тоа кој ќе биде нов министер за одбрана.  (МИА)