👁️  68

Одбраната на кумановката Гордана Филиповиќ која во јануари минатата година го усмрти пешакот Слободан Ангеловски, денес побара супер вештачење за сообраќајната несреќа. Судот истото го одби како неосновано, со оглед на фактот дека веќе имаше три вештачења за трагедијата.

На минатото рочиште кое се одржа на 1-ви септември сведочеше вештакот Перо Стефановски кој истакна дека Филиповиќ со возилото управувала невнимателно, не застанала на пешачки премин и не ја намалила брзината на возење. Тоа довело до сообраќајна несреќа со катастрофален исход – загинување на пешакот.

-Во овој случај невнимателно управување на патничкото моторно возило „БМВ“од возачот претставува основна причина за случување на незгодата. Врз основа на извршената анализа не најдов прекршок на пешакот, кој би бил причина за незгодата. Тој се движел правилно. Како што налага законот, на место на кое е дозволено да се движи и во ниту еден момент не прекршил ниту една законска одредба што се однесува на неговото учество во сообраќајот. Во конкретните околности, при наближување кон обележан пешачки премин, возачот требало да се движи внимателно, да ги приспособи брзината и начинот на движење на околностите, да запре пред пешачкиот премин и да го пропушти пешакот, а дури потоа внимателно го продолжи движењето. Во овој случај возилото не запрело на обележаното место, рече вештакот Стефановски.

Ваквото сведоштво кое јасно става до знаење што се случило тој кобен ден, не е во полза на одбраната, па таа со цели сили се обидува да претстави друга слика за настанот. Така беше и денес кога и покрај трите постоечки, побараа ново вештачење.

КУРИР стапи во контакт со адвокатката на семејството Ангеловски, Јована Малезанска.

-Денес се одржа рочиште за доказна постапка во кое обвинетата даде исказ, го опиша настанот по свое видување. Одбраната имаше предлог за супер вештачење за брзината со која се движела и за околностите во кои се случила несреќата. Судот одлучи да го одбие предлогот од причина што веќе има 3 вештачења, а две од нив се идентични со информациите за брзина со која се движела и за начинот на случување на несреќата. На 2.10 има закажано завршни зборови, по што во рок од околу 15 дена ќе има објава на пресуда, истакна адвокатката во изјава за КУРИР.

Во јануари минатата година кумановката Филиповиќ, управувајќи „бмв х5“, го усмрти Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“ во Скопје. На почетокот на судењето рече дека не чувствува вина.