👁️  264

Поранешниот претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев остварил 95 телефонски повици со обвинет во случај кој го водел, а Судскиот совет на денешната седница ги читаше доказите во барањето за утврдување на негова одговорност за несовесно и нестручно вршење на функцијата. Нанев не присуствуваше на расправата иако самиот барал седницата да биде отворена за јавност.

Подносителот на барањето, судијката Антоанета Димовска изјави дека Нанев намерно и неоправдано направил крупна професионална грешка и притоа и самиот не негирал дека имал телефонски повици кон обвинетиот Ванчо Кузманов и кон неговата фирма „Анго Вест“ .

„При изготвувањето на извештајот наведува дека толку многу пати се слушал со наведеното лице што неспорно упатува само на неговата непрофесионалност и од нему познати причини пристрасност, бидејќи ако се слушате само со едната страна, а сте судија, тоа упатува дека не сте професионалец“, рече Димовска.

Во збор и влезе претседателката на комисијата Лорета Георгиев.

„Вие да изведувате заклучоци за претпоставки во услови кога ја немате друга страна наспроти вас сметам дека е недоблесно и непрофесионално“, рече Георгиев.

Димовска пак на тоа одговори дека се однесува доблесно и професионално и притоа ја прочита пишаната изјава на Нанев која ја поднел до Судскиот совет во негова одбрана.

„Особено јас што користам најсовремени платформи и мрежи некој се дрзнува да ме навреди дека на тој начин сум остварувал контакти со странки“.

Изземање на Нанев, побарала и обвинителката во случајот што не било прифатено. Кузманов бил ослободен од обвинение за кривичното дело недозволено пренесување на акцизно добро.