👁️  54

Ревизорскиот извештај е направен професионално и може да се види нефункционалноста на системот во една институција. Во рамки на Клиниката за онкологија има еден организиран систем кој служи на криминални активности за препродавање на лекови и е претворена во еден концентарционен логор, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата на седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледуваше ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.

Стојаноски осврнувајќи се на презентираниот извештај од главниот државен ревизор Максим Ацевски посочи на неправилностите во работата на Клиниката, поточно на менаџментот кој ја водел.

„Внатре во оваа институција можеби се менувале менаџментите, но тој инсталиран систем за лично богатење и убиство, буквално убиство на пациентите бил организиран на многу повеќе од 7 лица за кои што во моментов не известија дека се води истрага. Затоа што тоа не е завршено заклучно со денот во кој што излезе овој случај, туку тоа се уште трае секојдневно и во моментов додека седиме тука оваа организирана криминална банда која што убивала луѓе за профит се уште продолжува да работи затоа што никој од нив не е оддалечен и има можност да ги прикрие доказите и да влијае на сведоците“, кажа Стојаноски.

Стојаноски информираше дека на седницата бил повикан и јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој не се појави на истата.

„Требаше да дојде зошто има многу работи кои требаше да ни ги објасни“, рече Стојаноски.
Според него, а повикувајќи се на ревизорскиот извештај, има низа неправилности во работата на Онкологија или неусогласени податоци.

„Во извештајот на ревизијата може да се види неповолно мислење во однос на финансиските извештаи кои биле во одговорност на директорите или на медицинскиот, Никола Васев и организацискиот директор Нехад Нухиу“, рече Стојаноски.

Пратеникот Стојаноски укажа и на фактот дека сметководствена евиденција не одговара на реалноста што е скандалозно.