👁️  5

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи Предлог- одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, за која денеска почнува расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Ова денеска го изјави Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во прес-салата на Собранието.

– Формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на Буџетот до Собранието. Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението кое е во прилог е само 138 зборови, изјави Стојаноски.

Тој се осврна на дел од промените кои се содржани во Одлуката за прераспределба. Посочи дека се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра. Власта, како што рече, планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници.

– Се кратат средства од зелен развој, програма што ја воведе оваа Влада и секоја година стои во Буџетот, но при секој Ребаланс парите се пренаменуваат, а зелениот развој остана само флоскула на ДУИ. Владата крати и од управувањето и заштитата на води, третманот на отпадни води, просторни планови и унапредување на животната средина. Со оваа Одлука за прераспределба се кратат десетици милиони евра и од армијата т.е. Министерството за одбрана. Македонија е една од земјите која испрати своја воена опрема на Украина, но власта наместо да ја замени со нова и современа опрема предвидените средства ги крати, потенцира Стојаноски. Изјави дека над 1 милион евра се кратат за градинки и додаде оти загрижувачки е односот на власта во образованието.

– ВМРО – ДПМНЕ нема да поддржи ваква Одлука за прераспределба која под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во четири очи, криминал и корупција во период кога власта ги одбројува последните денови. Без капитални инвестиции, нема развој. Не постои извештај од меѓународна економска организација која ни воочува дека продуктивноста ни е ниска, а покачувањето на платите вештачко што доведува до покачување на цените, а со тоа и се повеќе граѓани запаѓаат во сиромаштија или имаат влошен животен стандард, нагласи Стојаноски.