👁️  19

Денес ќе продолжи 120та седница на која ќе се разгледуваат законите од т.н. даночна реформа, наместо да дискутираме за скандалот на Универзитетската клиника на радиотерапија и Онкологија. Итно расчистување на овој грозоморен скандал е приоритет и го повикуваме владиното мнозинство да не бега и веднаш да се формира Анкетна комисија и да се разгледува извештајот на ДЗР за утврдените неправилност уште од 2021ва година, вели Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-На криминалците од власта поважно им е да го соберат арачот за да продолжат да крадат, а трагедиите на пациентите од Онкологија и фактот дека некој свесно убивал луѓе сакаат да ги сокријат низ Собраниските лавиринти. За потсетување на граѓаните, ова не е даночна реформа, туку арач на сите нивоа. Со данокот за додадена вредност се зголемува ДДВ за храна на 10%, наместо моменталните 5%. Иако бараме веќе неколку месеци, Власта одбива да ја даде целосната листа на производи што ќе ги поскапи. Во услови на инфлација, која е особено изразена кај прехранбените производи, Власта дополнително ќе ги покачи цени. Дрско, безобразно и надвор од реалноста, рече тој.

Посочи дека со законот за данок на добивка, ќе ги укинат ваучерите за спорт.

-Откако ги фатија функционерите од Агенција за млади и спорт дека прават злоупотреби, решија да ги укинат ваучерите, а со тоа да ги казнат спортистите. Системот има слабости, но тие треба да се отстранат, а не да се укинат 10 милиони евра кои го одржуваат и онака кревкиот спорт во Македонија. Во комисиската расправа, министерот за финансии најави нов модел, но еве веќе 3 месеци поминаа, а такво нешто нема. Дополнително, се додава уште една спорна одредба која му дава преголемо дискреционо право на инспекторот од УЈП да казнува за реинвестирана добивка – на база на субјективна одлука. Ова е уште една гилотина за притисок на Стопанството, истакна Стојаноски.

Тој оценува дека со третиот закон кој се однесува на данокот на солидарност владата удира по најуспешните од стопанството.

-Се повикуваат на европски практики, само за побрзо да се дограбат до пари кои немилосрдно ќе ги трошат. Не постои регулатива во ЕУ со која е воведен еднократен данок за сите компании како што е кај нас. Во ЕУ овој данок се однесува само на енергетските компании кои работат со нафта, јаглен, природен гас и електрична енергија. Овој закон нема поддршка од ниту еден општествен чинител и сите стопански комори се едногласно против ова решение. Власта ќе собере стотина милиони евра од граѓаните и стопанството. Овие пари власта може да ги собере со сузбивање на распространетата сива економија, но тоа не го прави. Полесно им е да зголемат давачки отколку да работат. За крај повторно сакам да апелирам до мнозинството, дајте веднаш да ја почнеме постапката и расправата за случувањата на Онкологија. Секој изминат ден, е можност за трговците со цитостатици да ги заташкаат трагите. Мора да се утврдат лицата кои направиле злоупотреба и истите да бидат соодветно казнети. Довербата пациент доктор е сериозно нарушена, да се лоцира одговорност е повеќе од неопходно, порача пратеникот.