За СДСМ и ДУИ очигледно вистината и правдата за скандалот на Онкологија не се приоритет, рече на прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
-Граѓаните бараат одговори и брза реакција на институциите, но власта очигледно упорно се обидува да купува време и упорно се обидува да го забошоти целиот случај. Времето немилосрдно тече, а од Талат Џафери и мнозинството во Собранието се’уште нема никаква реакција. За таа цел, од оваа говорница, уште еднаш ги повикуваме веднаш да ја донесат Одлуката за формирање на Анкетната комисија и веднаш истата да започне со работа, а со цел утврдување на фактите и вистината за скандалот на Онкологија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Обнова за Македонија” апелира до власта да не тактизира и да не купува време, бидејќи ова е тема за која што мора да има одговорност и судска разрешница. Мора да се најдат и казнат виновниците. Ѝ порачуваме на власта дека овој скандал нема да им помине онака како што тие сакаат. Нема да успеат да го забошотат, како што тоа го направија со модуларната болница во Тетово, со Беса Транс, со Ласкарци, со вадењето на органи во нелегална ординација и со уште многу други скандали и криминали, за кои што јавноста никогаш не доби правда и никогаш не ги дозна вистинските виновници, истакна Стојаноска.
На крајот, уште еднаш апелираме и бараме веднаш да се донесе Одлуката за формирање на Анкетната комисија во Собранието, бидејќи за овој грозоморен скандал мора да има правда и одговорност. Во спротивно, ќе се докаже и покаже дека сите од власта се соучесници во овој криминал на Онкологија, додаде таа.