👁️  26

Победата на парламентараните избори беше јасна уште од 2021 година. Власта во заминување и на локалните избори 2021 година беше делегитимирана и наместо да одат на предвремени избори тие продолжија да владеат, рече Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.

Стефковски посочи дека овие избори покажаа дека од судот на народот никој не избегал.

„Победата на овие избори е само поттик плус за дополнително посветена работа. Само на локално ниво во Гази Баба се работи на проекти со водоснабдување, фекална канализација, реконструкција на улици. На граѓаните им е преку глава, а изборите покажаа дека концептот на отворена општина беше препознаен од граѓаните во Гази Баба и тие убедливо гласаа за ВМРО-ДПМНЕ на овие парламентарни избори“, вели Стефковски.

Според Стефковски победата на овие избори е резултат и на тоа што граѓаните ја препознаа разликата меѓу оние кои локално работат и ги водат општините од 2021 година, и ние кои до сега централно ја водат државата.

„Ние во ВМРО-ДПМНЕ функционираме како едно семејство, функционираме заеднички, разменуваме искуства со цел побрзо решавање на евентуалните проблеми, заедничко спроведување на проекти и слично“, кажа Стефковски.

Стефковски посочи дека Данела Арсовска треба час поскоро да ја напушти функцијата градоначалник на Скопје. Во 2021 освои 118 илјада гласа кога ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, сега околу 3000 гласа, што е јасен показател дека треба да замине од функцијата.

„Во 2021 година Арсовска доби поддршка од 118 илјади граѓани на Скопје. По две и пол години одлучи сама на тест да го стави својот легитимитет и таа освои околу 2500 гласови во изборната единица каде се кандидираше. Тоа е повеќе од доволен показател дека треба да замине од функцијата“, вели Стефковски.

Стефковски посочи дека ветувањето од ВМРО-ДПМНЕ за општините на годишно ниво да се издвојат 250 милиони евра е многу важно.

„Со овие пари ќе може секоја општина да ги заокружи проектите за кои нема пари. Со ова владата ќе биде силна поддршка за општините и граѓаните да имаат соодветни услови за живот“, рече Стефковски.