👁️  61

Новата сезона во Светскиот куп во алпски дисциплини почнува овој викенд во австрискиот зимски центар Зелден, а главни фаворити за освојување на големиот кристален глобус повторно се Американката Микаела Шифрин и Швајцарецот Марко Одермат.

Шифрин и Одермат влегуваат во новата сезона како двократни последователни светски шампиони.

Американката е рекордер според бројот на победи во Светскиот куп – 88, а рекордот го собори минатата сезона кога ја надмина бројката од 86 триумфи на легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк.

Американската скијачка е петкратната светска шампионка (2017, 2018, 2019, 2022 и 2023) и со евентуална шеста титула ќе се израмни со Австријката Анемари Мозер – Прел, која доминираше во 70-те години од минатиот век.

Во машка конкуренција главен фаворит е 26-годишниот Одермат, кој минатата сезона собра 2.042 бодови во Светскиот куп и го собори рекордот што од 2000 година беше во сопственост на Австриецот Марсел Хиршер.

Со 13 победи минатата сезона, седум во велеслалом и шест во супервелеслалом, Одермат им се приклучи на Стенмарк (1979), Херман Маер (2001) и Хиршер (2018) според бројот на победи во една сезона.