👁️  40

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, републиканецот Мајкл Мекол, по состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина повторно ќе се финансира, и покрај „несогласувањето на некои“.

– Секако, мислам, им треба и ќе го добијат, рече Мекол.

Претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, кој е под огромен притисок од десното крило на неговата партија поради прекумерните трошења во владата, го праша Зеленски „што му треба“ и кој е неговиот план за победа“.

Зеленски рече дека победата нема да биде ниту брза ниту лесна и го повтори повикот за борбени авиони Ф-16 и ракети со долг дострел.

– Украина е искрено благодарна на американскиот Претставнички дом, на двете партии и на целиот американски народ за сета поддршка. Заедно постигнавме многу за да ги заштитиме демократијата, слободата и достоинството – вредности што ги споделуваат и двете нации. Украинскиот народ неизмерно страдаше како резултат на руските воени злосторства, но ние ослободивме повеќе од половина од окупираната територија од руските напаѓачи и јасно можеме да видиме дека победата е сè поблиску, напиша Зеленски на Х после средбите.

Тој информира дека е разговарано за ситуацијата на бојното поле и приоритетните одбранбени потреби, вклучително и воздушната одбрана.

Нагласив дека украинската победа ќе обезбеди ниту Русија ниту која било друга диктатура повторно да го дестабилизира слободниот свет. За да победиме, мора да бидеме обединети и да работиме заедно, нагласи украинскиот претседател.

Зеленски денеска се среќава со лидерите на Претставничкиот дом предводен од републиканците и со членовите на Комитетот за национална безбедност на Претставничкиот дом пред да учествува на затворена седница на американскиот Сенат.