👁️  26

Свети Григориј Просветител, епископ Ерменски

Роден е во прочуена фамилија, сродна на персискиот царски дом на царот Арбатан и на ерменското царско семејство на царот Курсару. Кога овие две царски семејства завојуваа меѓу себе, Григориј се оддалечи во Кесарија Кападокиска, каде што прво ја запозна верата Христова, се крсти и се ожени. Од тој брак имаше два сина, Ортан и Аростан. И обајцата ги посвети на служба на Црквата. По смртта на својата жена Григориј се врати во Ерменија и се стави во служба на царот Тиридат. И Григориј му служеше верно на својот цар, а царот го сакаше Григориј. Но кога царот дозна дека Григориј е христијанин, се налути многу и почна да го советува да се одрече од верата Христова и да им се поклони на идолите. Кога не успеа во тоа, Тиридат го подложи Григориј на маки и после многу измачување го фрли во една длабока јама исполнета со секакви отровни гадинки за така да го умре сосема. Но Бог го сочува жив Свети Григориј во таа јама полни четиринаесет години. Потоа Тиридат го продолжи гонењето на христијаните во своето царство и удри на еден женски манастир во којшто имаше триесет и седум сестри со игуманијата Гајанија. Откако ги уби сите во страшни маки, Тиридат полуде и беше како дива свиња. На царевата сестра пак, ? се јави во сон некој пресветол маж и ? рече дека нејзиниот полуден брат нема да оздрави додека Григориј не биде изваден од јамата. Кога го избавија, Свети Григориј го исцели и го крсти Тиридат. Потоа според желбата на Тиридат Григориј стана епископ на Ерменија и со помошта на царот, а најнапред со Божјата, ја просвети цела Ерменија и околните страни со верата Христова. Својот многутруден живот Свети Григориј го заврши на длабока старост, во 335 година. На неговото место беше посветен за епископ неговиот син Аростан, којшто го продолжи делото на татко му. Аростан беше еден од 318 отци на I Вселенски Собор.

Тропар
Верен слуга на Бога Живиот, во малку послужи, во многу Он те постави и преку тебе земјата Ерменска се просветли, о, велики Григорие, во тело плод донесе, од Духот плодот безброен стана, силата Христова во тебе се покажа кога паднатата природа со благодат се подигна. Моли се, светителе, моли се, мачениче, моли се, велики Божји угодниче, од верата вистинска да не отстапиме.

Светите маченички Гајанија, Рипсимија и останатите триесет и пет монахињи

Заради верата во Христа ги погуби царот Тиридат. Света Рипсимија беше необично убава, заради што царот Диоклецијан сакаше да ја земе за жена. Оттука и почна страдањето на сите триесет и седум монахињи. Рипсимија одрече да појде за царот, зашто Му се имаше посветено на својот Женик Христос. Тогаш Тиридат ја мореше да појде за него, зашто беше како опиен од нејзината убавина. Но Св. Рипсимија со сета своја сила го одбиваше царот. И оној којшто кнезовите Готски ги победи и Персијците ги порази, не можеше да совлада една девица Христова. Јаросен царот ја предаде на лути маки ( ? го отсекоа јазикот, ? го расекоа стомакот, ? ја истурија утробата), при што Рипсимија Му ја предаде својата света душа на Бога. Потоа ги фатија и останатите монахињи и ги убија со меч. Над моштите на овие маченички беше подигнат прочуениот Ечмијадзински манастир, близу Ериван, главен духовен центар во Ерменија низ многу векови.

Тропар
Ја посрамивте злобата на овој свет, дар добивајќи од Господа да се исцелуваат оние кои кон покајание ќе прибегнат, о свети девственички Христови, мажественоста на душите ваши ја победи силата телесна на неверните мачители, затоа сега молете се благодатта Господова да ги покрие нашите прегрешенија.

Свети Михаил, прв митрополит Киевски

На молба на великиот кнез Владимир беше испратен во Русија од цариградскиот патријарх за да го крштева незнабожечкиот народ и да ја утврдува и устројува Црквата. Св. Михаил го крсти народот во Киев, Новгород, Ростов и по многу други градови и села; ја устрои Црквата, постави епископи и презвитери, положи темел на Михаиловскиот манастир во Киев, испрати мисионери меѓу Бугарите и Татарите и мнозина од нив ги придоби за Христа. И тоа и многу друго корисно овој светител изврши за само четири години. Се упокои мирно во 992 година. Неговите мошти почиваат во Печерската лавра.

Тропар
Денес се исполни пророштвото на Првоповиканиот меѓу апостолите, зашто на овие гори засветли благодатта, верата се умножи, и оние со неверие беа закоравени, со Божествена бања се преродија, станувајќи луѓе обновени, царско свештенство, народ свет, Христово стадо, кому ти како прв пастир му се јави, како оној кој на првото Крштение послужи. И сега стоејќи пред Владиката Христос Бог, моли се да се спасат сите души човечки, зашто имаш смелост, како свештенослужител и ерарх Божји.