👁️  33

Спектакл кој ретко може да се опише со зборови. Вака жителите на беровско Русиново го доживеаа синоќешниот концерт на групата Некст Тајм кои по повод возобновениот настан Илинденски Видувања – Вршник 2023 настапија пред многу бројната публика од Малешевијата но и гостите од соседните градови.

Како на ѓердан се нижеа најпознатите македонски хитови кои се составен дел од концертите на на Некст Тајм, а атмосферата кулминираше кога на сцената се појави Благој Механџиски Зегин, човекот кој ги врати Илинденските Видувања на Русинци. Заедно со вокалот на Некст Тајм ја испеаа химната на Малешевијата, ,,Блажена горо зелена”, а потоа и Бисер Балкански.

Вториот ден од настанот започна со пристигање на Илинденската Коњаница, по што започна изложбата на стари оружја од пред Илинденскиот период, како и отворање на штандовите со Малешевска храна под вршник.

-Сакаме да возобновиме една стара традиција која последен пат ако не се лажам се одржа далечната 2009 година. Домаќинките имаа подготвено разни производи под вршник како зелник, попарник баница, тавче гравче, грав во грне и други производи. Сите тие се продаваа, а средствата ќе се наменат за наши сограѓани, истакна учесничка во настанот.

Изложбата на стари оружја карактеристични за револуционерниот период го побуди интересот кај присутните.

-Со овие оружја комитите се бореле за ослободување на Македонија. Дел од пушките, револверите, камата и другите оружја потекнуваат од Разловечкото и Кресненското Востание. Целта е да покажеме дека народот од дамнина сакал слобода, борејки се со секое едно оружје кое го имал на располагање, додаде жител на Русиново.

На Илинденските Видувања – Вршник 2023 во знак на благодарност до Верица Белчовска, која го изгуби животот во сообраќајна несреќа, а ги донираше своите органи, нејзиното семејство доби благодарница од момчето кое ги прими нејзините органи кој заблагодарувајки се рече дека срцето на Верица продолжува да живее во него.

Пред концертот на Некст Тајм, во рамки на дводневниот музички спектакл на кој настапија и музичари по потекло од Малешевијата и познати македонски естрадни ѕвезди неизоставен дел беше и големото Малешевско оро одиграно ,,На Мегдане” каде Русинци покажаа дека овој настан уште долги години ќе биде белег на Малешевијата.