👁️  873

Техеран го нарече прекинот на дипломатските односи „краткоглед“ потег на Тирана.

Само 24 часа беа потребни за Иран да ги евакуира сите 70 дипломати од амбасадата во Тирана, околу која од пладне се распоредени припадници на специјалните сили на албанската полиција.

Во текот на ноќта, иранските дипломати запалија и отстрануваа документи во последниот чин на лошите дипломатски односи меѓу двете земји, оптоварени со низа наводни планови на Техеран да ги нападне дисидентите кои со години се во таа земја и серија сајбер напади што во јули ја блокираа работата на повеќе институции.

Додека се чека работниците да ги отстранат симболите на Исламската Република од фасадата на зградата, албанските специјалци ги собираат остатоците од документацијата што ја оставиле Иранците. Во текот на утрото, додека траеше евакуацијата, околу иранската амбасада беа распоредени антитерористички екипи на албанската полиција.

Албанија, по долга истрага, го обвини Иран дека стои зад серија сајбер напади врз јавни служби и институции, по што премиерот Еди Рама објави дека Тирана ги прекинува дипломатските односи со Техеран и им нареди на дипломатите од таа земја да го напуштат албанскиот главен град во следните 24 часа.

„Владата одлучи да ги прекине дипломатските односи со Исламската Република Иран. Одлуката стапува во сила веднаш“, рече Рама, објаснувајќи дека „драстичната одлука одговара на сериозноста на заканата од сајбер нападот“.

Иран оваа одлука на властите во Тирана ја нарече „краткогледна“, отфрлајќи, истовремено, секаква одговорност за нападот врз албанските институции.

Односите меѓу Албанија и Иран, кои никогаш не биле на завидно ниво, драстично се влошија пред десет години, кога владата на тогашниот премиер Сали Бериша, сакајќи да ги зајакне своите позиции во Вашингтон, одобри членовите на иранската дисидентска организација Муџахедин -e Kaлк да се населуваат во околината на Драч.

Серијата настани во последниве години, вклучително и протерувањето на иранските дипломати и прилично нејасните обвинувања за планирање напад врз овој штаб на ирански дисиденти, драматично ги влошија односите меѓу Техеран и Тирана, при што Али Хамнеи, на почетокот на 2020 година, ја нарече Албанија „ мала, но злобна европска држава во која американските елементи соработуваат со иранските предавници и заговараат против Исламската Република“.

Оваа организација, која Техеран ја смета за предавничка, претходно била сместена во неколку бази на границата на Ирак и Иран, од каде вршеле акции против матичната земја, но по падот на режимот на Садам Хусеин биле мета на напади на про -ирански милиции.

Албанија пред две години веќе протера двајца ирански дипломати поради наводни планови за напад на базата на организацијата Муџахедин Калк во близина на Драч, со што и онака лошите односи меѓу двете земји ги сведе на најниско можно ниво.