👁️  26

Во Бугарија нема свест за правата на малцинствата, а Македонците се обесхрабрени да се самоидентификуваат. Ова стои во новиот извештај или 5то мислење на Соведотавниот комитет на Советот на Европа, за Бугарија.

Во документот од 47 страници, пишува – додека Бугарија ги промовира правата на бугарските малцинства надвор од државата, истите напори ги нема во земјата, а политичката нестабилност прави директни негативни последици на имплементација на правата на малцинствата во државата.

Точка 1 – Со оглед на тоа што Бугарија има сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарските малцинства во странство, истите напори не можат да се забележат во земјата. Генерално, постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел на човековите права

Стразбур критикува дека во Бугарија немало напори да се имплементираат голем број долгогодишни препораки – за прашања како слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на правата на малцинствата, но и неопходност за целосна еднаквост на сите кои живеат во земјата.

Точка 32 – Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни.

Нотирано е и дека Македонците во Бугарија продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, а пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите, ги сфатиле, како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци.

Точка 79 –  Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање, националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија.

Во извештајот, во неколку точки, се напоменува и дека Европскиот суд за човекови права, во 12 случаи против Бугарија, утврдил, непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои пак властите упорно одбиваат да ги регистрираат.