👁️  12

Македонски Телеком, фирма во која дел од сопственоста има и државата, стана дувло на непотизам. Димитар Ковачевски и СДС мислат само како да ги наградат и унапредат луѓето блиски до нив на грбот на граѓаните, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

“Никола Љушев кој важи за близок до Димитар Ковачевски, како директор на Македонски Телеком, најпрвно си ја вработува својата сопруга, Наташа Љушева во 2020 година во Телеком, за сега да ја унапреди во главен менаџер за секторот дигитализација.

Сопругот Љушев извршен директор, сопругата Љушева во првите 10 менаџери во Телеком. Класичен непотизам.

Фамилијата Љушеви не беа задоволни со директорската плата од над 11 500 евра месечно, сега ќе си земат уште неколку илјади евра месечно на својата сметка од менаџерската функција на сопругата, додека граѓаните не можат да го поминат месецот ни со две просечни плати.

Овој случај не е единствен во Македонски Телеком. Сите блиски соработници од времето кога беше Ковачевски директор изминатите години си ги вработија своите сопруги.

Главниот директор за финансии, Славко Пројкоски си ја вработил својата сопруга Гордана Пројкоска, додека пак главниот комерцијален директор за приватни корисници Бранко Станчев, си ја вработил сопругата Драгана Станчева.

Ги повикуваме надлежните институции да ги проверат овие случаи и да покренат постапка“ – се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.