👁️  12

Вечерва во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ при средба со граѓани во Пештани се обрати и градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков кој што истакна дека за овие две години откако е градоначалник доста работи се направија, и уште многу ќе се направат за Охрид. Но, тој исто така рече дека многу капитални проекти стојат во место поради тоа што власта не соработува со општината.

„Наскоро ќе имаме парламентарни избори, и на тие парламентарни избори ќе биде победник ВМРО-ДПМНЕ и ќе имаме нов премиер Христијан Мицкоски“, порача Пецаков.

„Многу работи се изградија меѓу нив е мултифункционалното игралиште во Пештани, мултифункционалното во Лескаица, една серија од асфалтирање на локални улици и патишта, кои што исто така се во тек и ќе продолжи во наредниот период“, појасни тој.

Пецаков додаде дека во наредниот период уште многу проекти ќе се реализираат бидејќи граѓаните заслужуваат многу подобри услови за живот.

Сашо Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид истакна дека денес имаа целодневна агенда во која се сретнаа со многу сограѓани каде што ги слушнаа сите нивни мислења околу секојдневните проблеми, додавејќи дека на истите средби ги презентираа и проектите кои како Совет и како локална самоуправа ги реализираше изминатите две години.

„Ветивме многу проекти кои што ќе ги реализираме во идниот период кој што претстои пред нас. Верувајте дека имавме многу проблеми, меѓутоа не треба да се жалиме, напротив, уверени сме дека во идниот период ќе реализираме многу проекти кои што ќе бидат, пред се, во интерес на охриѓани, но и во интерес на нашата држава Република Македонија. Изминатите 4-5 години што го ветувавме како опозиција, ќе го реализираме во идниот период и како локална самоуправа и како централна власт. Она кое што се ветуваше во изминатите 30 години, ќе го реализираме во идните неколку години“, рече Донев.