Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерите Фатмир Битиќи и Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи заминаа за Соединетите Американски Држави. Заедно со нив е и 20-члена придружба односно вработени во нивните кабинети.
Претседателот Стево Пендаровски е во Њујорк од 18 до 22 септември и ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Во состав на македонската државна делегација за Генералното собрание на ОН покрај претседателот и сопругата се и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Со Пендаровски во Њујорк заминаа и десет вработени во неговиот кабинет, односно целата делегација брои 12 луѓе, вклучувајќи го претседателот и сопругата.
„Делегацијата од Кабинетот на претседателот која патува со него за време на работната посета на САД ја сочинуваат генерален секретар, четворица советници, од кои двајца за надворешни работи, еден за национална безбедност, еден за односи со јавност, еден надлежен за програмата на сопругата во Њујорк во соработка со УН агенциите, шеф на протокол, официјален фотограф и двајца претставници на обезбедувањето на претседателот“, ни изјавија од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Настрана од Пендаровски, во неколкудневна работна посета на САД е и премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Како што ни одговорија од Владата, во придружба на Ковачевски и Маричиќ заминале уште четири лица од нивните кабинети, но, не прецизираа кои се нивните работни обврски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Њујорк е придружуван од пет лица вработени во Министерството за надворешни работи. Од МНР ни одговорија дека петмината кои се во неговата делегација имаат работа покрај агендата на министерот да обезбедат и поддршка за целата делегација, вклучително и поддршка за агендата на претседателот на државата. „Покрај вработените во Мисија на земјава во ОН, поради обемноста на обврските, ангажирани се и дипломатите од придружниот персонал од Генералниот конзулат“, велат од МНР.
Шефот на државата Стево Пендаровски има обврски во Њујорк, Њу Џерси и Чикаго. Тој на 22 септември ќе се обрати на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, а предвидена е и средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која тој ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар.
Во Њу Џерси треба да има средби со претставници на македонската заедница, а во Чикаго ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“.
И премиерот Ковачевски и вицепремиерот Мариќ се Њујорк, ама нивната посета не е врзана со Генералното собрание. Како што соопштија од Владата премиерот Ковачевски во Њујорк ќе има “значајни средби со високи претставници на Стејт Департментот, на Светскиот економски форум и Светска банка, со претставници на мултинационални компании и македонската бизнис заедница во САД, како и со претставници од Европската Унија“.
„Фокусот на разговорите е економскиот развој на Република Северна Македонија, атлантското партнерство, европските перспективи и важноста на стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД во сите овие процеси од значење за квалитетот на живот на македонските граѓани.Во рамките на работната посета на САД, премиерот Ковачевски ќе присуствува и на прием по повод одбележување на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации“, соопштија од Владата.