👁️  96

Кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби гевгелискиот војвода Леонид Јанков.

Ова се случи на денешен ден (2-ри септември) во 1905-та година.

Борбата, што ја водеше заедно со уште неколкумина негови соборци траеше цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија.

Песната “Трба, трби гевгелиска” му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработуваше со илинденските востаници и со ВМРО, а учествуваше и во неколку други акции против турската војска. Роден е во селото Мачуково, Гевгелиско, во 1878 година.

Леонид Јанков бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание.

Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката. Завршува основно образование. Леонид влегува во ВМРО во својата младост и е курир. Во 1901 година е уапсен со Бајалската афера и лежи шест месеци во затвор. По напуштање на затворот го убива шпионот Ристо Дојчинов и станува нелегален комита, десетар е во четата на Аргир Манасиев, кој е негов прв братучед од страна на мајка му.

Учествува во Илинденското востание, а по задушувањето се префрла во Бугарија.

На 2 септември 1905 година Леонид заедно со двајца свои другари, во месноста Ѓуров дол до село Ѓавато се опколени од турски аскер и по престрелка, која траела цел ден, Леонид се самоубива.

Според различни извори со него загинуваат комитите Михаил Иванов Таушанов, Туше Гонов Петрушев од Богданци, Томе Киров Доновски, Тома Фириев од Стојаково. По битката телата им се погребани на гробиштата во Гевгелија.