Ситуацијата околу манастирот Бањска сѐ уште е драматична и нема индиции дека брзо ќе се смири, изјави министерот во Владата на Косово Ненад Рашиќ за Нова.рс, објаснувајќи дека дел од напаѓачите влегле во манастирот, додека полицијата со мегафон ги повикувала да се предадат. Рашиќ информира дека сѐ уште не се знае кои се напаѓачите, но според извори од полицијата, тие се добро организирани и вооружени со тешко оружје, пиштоли и минофрлачи.
Полицијата утринава им испратила барање да се предадат, но меѓу двете страни нема никаква комуникација и контакт. Полицијата преку мегафон ги повикува напаѓачите, но од другиот крај нема одгово, додал Рашиќ.
Тој објаснил дека неколку напаѓачи се внатре во самиот манастир, додека некои се околу самиот манастир.
Слушнав од извор од полиција дека тие луѓе имале пиштоли и минофрлачи. Ова оружје бара многу логистика. Тоа е она што го знаеме засега. Најважно, како што ми кажуваат Курти и Свеќља, е дека не сме за натамошна ескалација, туку за мирно решение на ситуацијата“, вели Рашиќ.
Еден припадник на косовската полиција загина, а двајца се ранети во пресметката што се случи на северот на Косово. Подоцна во текот на денот косовската полиција потврди дека се убиени тројца од напаѓачите. Властите во Приштина оценија дека нападот бил оркестриран од Белград, додека Рашко-призренската епархија соопшти дека група вооружени, маскирани лица влегле во манастирот со оклопно возило.