👁️  26

Македонскиот машки ракометен шампион Еурофарм Пелистер претрпе уште еден пораз во Лигата на шампиони, шампионот на Македонија загуби во пресметката со Пик Сегед, гостите со гол во последните секунди славеа со 27-28.

Пелистер добро го отвори мечот и поведе со 2-1, но потоа постојано го бркаше водството на противникот, кој на еден момент во првиот дел имаше и +4, за на пауза да се замине со резултат 12-15.

Пик Сегед беше цврст и на почетокот од вториот дел и поведе со четири голови разлика (15-19), но потоа следуваше серија на Пелистер од 4-0 и израмнување (19-19).

Практично се играше гол за гол до самиот крај, Петровиќ прекрасно реализираше за 27-27 и се чинеше дека клубот од Битола конечно ќе се израдува на првиот бод.

Сепак, Зита возврати на спротивната страна и со гол на 8 секунди пред крајот обезбеди нова победа за Сегед.

Борзаш беше најефикасен во таборот на Еурофарм Пелистер со шест гола, пет погодоци на дебито постигна Филип Кузмановски, а со четири гола мечот го заврши Жарко Пешевски.