👁️  201

Владата конечно ја „одглави“ алатката за службени трошоци на владините функционери, по која може да се види дека сите владини функционери заедно во 2021, и тоа без последниот месец декември како неевидентиран, потрошиле 16,5 милиони денари за службени трошења. Тоа е повеќе во однос на една година претходно кога трошоците не биле ниту полни 15 милиони денари. Сумата од 2021 е речиси иста како предпандемиската 2019 та.

Бојан Маричиќ, актуелниот вицепремиер за евроинтеграции, направил убедливо најголеми трошоци од сите останати владини функционери со потрошени 816 илјади денари за 11 месеци во 2021 како тогашен министер за правда.

На сметка на буџетот, потрошил 213 илјади денари за авионски патувања. На аеродромите користел и вип-салон за 7.500 денари. Нарачал оброци за 163 илјади денари во приватните угостителски објекти, а во државните, кои знаеме дека се многу поевтини за функционерите, пријавил 92 илјади денари. Ручеците во странство Маричиќ ги платил 69 илјади денари. 

Сепак ако се гледа посебно само службените сметки во рестораните во земјата, убедливо пред Маричиќ е Бујар Османи со 336 илјади, Артан Груби со 272 илјади и Никола Димитров со 185 илјади потрошени до декември 2021. Тука некаде во оваа категорија со Маричиќ е и Насер Нуредини.

Барабар со Маричиќ е и Насер Нуредини како министер за животна средина со 873 илјади денари, многу повеќе од една година претходно на истата функција. Она што е забележително за него е што добил убедливо најмногу од сите други членови на Владата за дневници – 55 илјади денари, а за хотелско сместување во странство му биле потребни дури 311 илјади. Не му биле евтини ниту угостителските услуги  во приватните ресторани – 117 илјади денари.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во однос на претходните години најмногу потрошил за авиобилети во 2021 (976 милиони) и 472 милиони за хотелски сместувања, но природата на неговата функција е таква што неговите трошоци може да се каже дека се пооправдани. Убедливо најмногу потрошил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, над 1,2 милиони денари, но и за неговите „потреби“ може да има разбирање, поради одзадолжувањата што ги има.

Следен по трошоци е министерот за земјоделие Љупчо Николовски со 757 илјади денари како вицепремиер за борба против корупцијата, а половина од тие пари се потрошени за настаните во државните мензи и бифеа.

Петти е Крешник Бектеши со 610 илјади денари, што може да се каже дека 2021 е една од неговите поскромни години како министер за економија. Но, ланската година се истакнал по тоа што многу сакал да се гости по вип-салоните на аеродромите каде што потрошил 76 илјади денари.

На шестото место е Јетон Шаќири, министерот за образование, кој како министер за информатичко општество и администрација потрошил 415 илјади денари, од кои поголемиот дел за закуп на стан.

Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 70.000 денари како заменик-министер за финансии во текот на 2021 и тоа за трошоци за мобилен телефон и за услугите на државните мензи и бифеа.

Првиот вицепремиер Артан Груби се мезел во надворешни ресторани за 272 илјади денари, речиси за двојно повеќе од една година претходно, а при тоа во 2021 треба да се знае дека недостасува последниот месец од евиденцијата. Вкупните трошоци му се 376 илјади денари.

Сепак тоа не е голем трошок во однос на Нуредини и Маричиќ, а може да се каже дека релативно скромни биле и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски (225 илјади) и министерот за финансии (100 илјади)

Благој Бочварски има само 120.000 за службени трошоци, додека за тогашната министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска евидентирани се 80.000 денари.

Зоран Заев во својата последна година како премиер потрошил 1,635 милиони денари.