Случај „Мазут“: Од истрага – до бестрага

Катерина Коларевиќ, предметната јавна обвинителка која вчера донесе наредба за запирање на истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, телефонски го известила државниот обвинител Ненад Савески за нејзината одлука. Според Коларевиќ, при истраги и при потреба може да се реферира на колегиум на ОЈО ГОКК или на колегиум на Државното обвинителство, но лично сметала дека нема доволно докази и решила да ја затвори истрагата без потреба од реферирање, ни на колегиум во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески, за „Фокус“ потврдил дека од Републичкото јавно обвинителство не било побарано мислење, анализира Катерина Блажевска за Дојче Веле.

Епилогот, со кој  по една година е запрена истрагата, отвори многу прашања. Во овој случај со кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело беа опфатени 13 лица и една фирма, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“  Асмир Јахоски (син на Исмаил Јахоски, долгогодишен градоначалник на Пласница и пратеник од ДУИ), газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на „Електрани на  Северна Македонија“  (ЕСМ), Васко Ковачевски. Но, по сомнежите за криминал од околу 167 милиони евра, истрагата заврши како издишан балон: „Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар“, соопшти ОЈО ГОКК.

Екоцид – што беше тоа?

Според ОЈО ГОКК, освен што од прибраните докази не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, не се утврдило ни постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност. А другото клучно прашање за кое во тој период интензивно беше алармирана јавноста – е  дали увезениот мазут бил опасен за околината?

Царинската управа, која во изминатите години открила дека една од фирмите опфатени со истрагата имала обид за внес на енергенс кој го пријавила како мазут, а кој според хемиските својства  не одговарал на потребниот квалитет,  не споделуваше конкретни податоци за медиумите токму „поради истрагата што ја води ОЈО ГОКК“ за овој случај.

Во интерес на истрагата

Но, во соопштението кое Обвинителството тогаш го испрати до јавноста никаде не се споменуваше истрага за овој аспект. Од друга страна, од Царинската управа во одговор за медиуми посочуваа дека во периодот од 2021 до 2025 година во неколку наврати биле вратени цистерни со мазут од граница.

„Од 2021 година испитани се 23 мостри при увоз на мазут, од коишто кај 6 се утврдени отстапувања од квалитетот и сите се вратени назад, односно цистерните со мазут не се пуштени во државата. Подетални податоци не можат да се споделат и истите се дел од истрагата што ја води Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција“, наведоа лани во март од Царинската управа.

И премиерот Мицкоски во тој период се осврна на ваквите податоци.

„Овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле ете такви недозволиви средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е
уставно гарантирано за сите граѓани“, изјави премиерот.

Од Обвинителството со години наназад најавуваа дека ги следат информациите за увоз на токсично масло наместо мазут, но до денес нема информација дали некој е гонет за тоа.

Разлика во количините

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го отвори овој случај во 2023 година, откако претходно утврдила дека на фирмата „РКМ“ ѝ биле платени повеќе пари за помала количина испорачан мазут. На овој аспект се осврна и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„Да потсетиме дека Антикорупциската комисија утврди дека на фирмата РКМ и биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. Дури 18 илјади тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител?“, праша  Милошоски, обвинувајќи го шефот на ОЈО ГОКК дека одработува за СДСМ и ДУИ. Коментирајќи го фактот дека Обвинителството немало докази, праша – зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?

„Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за  обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај“, критикуваше Милошоски.


ВМРО-ДПМНЕ  го повика шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, веднаш да поднесе оставка и да ја остави работата на професионалците.

„Ние нема да го затвориме овој случај само затоа што Ислам Абази одлучи на контроверзен начин да го затвори ова досие“, најави Милошоски.

Кој „промашил“?

Додека ДКСК и МВР реагирале на индициите за сериозен криминал, Обвинителството по спроведени вештачења, увид во документи и сведочења не открило никаква штета за ЕСМ, за буџетот на државата, ниту стекнување противправна имотна корист или случаи на перење пари. Напротив, според ОЈО ГОКК, од динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино, произлегло дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно со потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија.

„Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар“, наведе ОЈО ГОКК.

Довербата на нула

Одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре истрагата за случајот ја критикуваше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов. Според него, ваквиот потег дополнително ја намалува и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.

„Оние 2% доверба кои што ги уживаше судството, денеска можеби се 1% а можеби се 0%, и со право. Она што се случи, навистина ги поминува сите граници на нормалното, сите граници на барем минимална пристојност на функционирање на судството. Мислам дека ова е многу загрижувачки“, оцени Пренџов на ТВ „Алфа“.

Тој порача дека институциите мора да продолжат со борбата против криминалот и корупцијата и покрај „жилавите структури“ кои се обидуваат да ги заштитат своите интереси.

„Сакам да им порачам дека ќе бидат поразени и дека ќе има правда во  Република Македонија“, порача тој.

 

Катерина Блажевска за Дојче Веле