👁️  26

Премиерот на Словенија Роберт Голоб најави воведување данок на вкупната актива на банките, во времетраење од пет години.

– Во цела Европа се воведува ново оданочување, па и Словенија ќе оди во таа насока. Најверојатно во законот за обнова и развој, каде оданочувањето на банките ќе биде 0,2 отсто, изјави Голоб во програмата Одмеви на ТВС.

Тој рече дека сите знаат дека банките денес се на некој начин победници, во смисла на екстремни профити, пренесува SEEbiz.

Голоб изминативе денови веќе разговараше со министерот за финансии и раководството на банките како да придонесат за санација и реконструкција на подрачјата погодени од катастрофалните поплави пред точно еден месец.

„Во овој момент се планира новото оданочување на активите на банките во износ од 0,2 отсто да биде, од една страна, нешто што не го потресува финансискиот систем на Словенија, а од друга страна, тоа значи праведен придонес на финансискиот сектор за обнова и развој на поплавените подрачја“, објасни Голоб.

Тој најави дека во следните пет години од тој извор треба да се инкасираат по 500 милиони евра годишно.