Доколку се двоумите дали да ги „испеглате“ брчките со ботокс и каде, искуството на скопјанката Александра Трајчевска, можеби ќе ви помогне во одлуката.
Таа својот случај го сподели со нас, за да помогне во подигнувањето на свеста кај луѓето кои користат естетски третмани, односно МНОГУ да внимаваат кај кој доктор го прават тоа.
-Луѓето кои сакаат да прават било каква естетска корекција, многу треба да внимаваат кому му го доверуваат тоа. Бидејќи сите станаа доктори и кој ќе стигне боцка. Да не веруваат во сертификати, работни искуства по Србија, Бугарија и слично. Сторените последици сведочат за тоа колку некој ја познава работата и дали вреди да се нарече Доктор. Последиците кои ќе ви се случат се пострашни од некоја брчка или неправилност, а да не зборуваме за психичкото здравје, вели Александра за КУРИР.
Наместо разубавување, таа добила птоза.
Птозата на очните капаци е состојба во која горниот очен капак се спушта над окото и може да биде предизвикана од стареење, повреда на окото или несакан ефект по операција на окото, меѓу другото.
Во случајот на Александра, птозата била предизвикана од вбризгување на ботокс, најверојатно во погрешен дел и ставање ботокс повеќе од што е потребно, што предизвикало сериозно спуштање на очниот капак.
Во досегашната пракса, околу 5 проценти од луѓето кои одат на третмани со ботокс имаат проблеми со спуштање на очните капаци. Овој број паѓа на помалку од 1% доколку го изврши медицински професионалец.
Докторот и ординацијата, Александара се уште не ги објавува, бидејќи планира правдата да ја бара по судски пат, а како што вели и да ја добие „битката“.